Говор – говорник – публика.

Вчера, владејачката партија одржа конвенција за избор на кандидат за претседател на Република Македонија. Како што веќе знаете, избраниот кандидат е претседателот Ѓорге Иванов. Јас му посакувам среќа во престојната претседателска трка.

Овој пат на кратко ќе го анализирам обраќањето на премиерот Никола Груевски и ќе предложам по некој (скромен) совет:

Премиерот е претпознатлив по неговиот строг став, кој треба да го задржи, затоа што не би можеле да го замислиме поинаку. Груевски држа добар говор, но сепак негова најголема маана (како и на повеќето, т.е. на сите македонски политичари) е читањето на говорите. Замислете, доколку сега успева да ги освои симпатиите на македонските граѓани, што ќе се случи ако внесе мали финеси во неговите јавни говори?

Забележете го моментот на 7:37 , Груевски изјавува: „ Нашиот избор е Македонија!“, а притоа го нагласува последниот збор. Ова е многу добар начин на изразување, но ефектот би бил поголем доколку внесе постепена градација на зборовите. Ова значи дека постепено треба да го зголемува тонот на гласот со секој нареден збор, се до крајот на реченицата кога би се постигнала посакуваната висина на тонот. Истото се случува и на 14:10 и на 16:40 кога неговиот говор е проследен со овации и аплауз од страна на присутните. Но, доколку сака и ние кои говорот го следиме преку ТВ и интернет, да ја почуствуваме таа еуфорија и да покрене и кај нас таква реакција мора да се служи со гестикулации и да воспостави контакт со публиката зад малите екрани со тоа што ќе гледа во камерата.

Како да се постигне тоа?

Добар пример е Дејвид Камерон кој како и сите добри говорници ја користи следнава формула:  харизма + добар говор + гестикулации.

(Не мора да го гледате целотот видео, доволно е да ги проследите само првите 5 минути)

Што прави добриот говорник?

  • НИКОГАШ НЕ ГО ЧИТА ГОВОРОТ!  Како што може да забележите, Камерон со себе на сцената понесува и лист хартија. Не може да знаеме со сигурност дали на него е напишан целиот говор или само кратко резиме, но она што е сигурно е дека не чита од него туку само повремено погледнува за да се потсети. Добриот говорник користи кратко резиме со најбитните точки кои сака да ги изнесе во говорот а резимето го користи за повремено потсетување.
  • КОРИСТИ ГЕСТИКУЛАЦИИ. Дејвид Камерон многу умешно ги користи гестикулациите. Тој на 2:33  прашува: „Is that enough?“ и притоа умешно употребува градација при изговарањето на зборовите и со раката го потенцира секој изговорен збор. Моќно, многу моќно!
  • ВОСПОСТАВУВА КОНТАКТ СО ПУБЛИКАТА: Во текот на целиот говор, Камерон континуирано воспоставува контакт со присутните во публиката, погледот го насочува на сите страни во салата и она што е многу добро: гледа во камерата кога сака да пренесе некоја значајна порака. Воспоставувањето на контакт со публиката (присутната и онаа зад малите екрани) е премногу значајно, така политичарот создава близина со аудиториумот. Овој гест, мора многу почесто да биде користен од страна на  нашите политичари.

Истите грешки ги прави и лидерот на СДСМ, Зоран Заев:

И Зоран Заев е харизматичен политичар, но само харизмата не е доволна за да се изведе добар говор. Она што Зоран Заев мора да го направи е да внесе поголема динамика во говорите, бидејќи во спротивно истите ќе останат многу монотони и нема да покренат акција кај неопределените гласачи (тоа им е целта, нели?). Доколку употребува поголеми паузи и почето ги нагласува значајните зборови ќе внесе поголема драматичност на говорот а со тоа и попозитивна реакција кај аудиториумот.

Не е тајна дека политичките говори се однапред концепирани и осмислени. Тоа е сосема нормално и нема ништо лошо во тоа. Лошо е кога говорите се читаат наместо предходно да се увежбаат. Шансите да се направи грешка во читањето се многу поголеми отколку да се направи грешка ако говорот е увежбан и се користи краток потсетник- резиме. Не е ни чудо што не се користат гестикулации, затоа што потребна е огромна концентрација за правилно да се прочита еден говор.  Дејвид Камерон не располага со поголемо слободно време од нашите политичари, но е доволно свесен дека се следи секој негов чекор, особено неговите јавни говори, па околку себе ангажира тим на експерти кои ќе го подготват за таа цел.

Добриот говорник не се раѓа, туку се создава низ процес на континуирано усовршување, надоградување и постојана анализа на претходните говори.

Денес е Прочка. Нека ми простат сите оние на кои им имам згрешено, навредено или оние кои не се согласуваат со моите анализи.

Ви посакувам пријатна неделна вечер и успешна невербална комуникација.

Движете се моќно политичари!

До следно читање,

Анастасија Д.Б.